14-ти проект: Истражување на биолошката разновидност и биокоридорите на Илинска Планина

Манастир Свети Илија
Манастир Свети Илија

Во јули 2008 година, на падините на Илинска Планина се одржа летната повеќедневна акција, како дел од проектот "Истражување на биолошката разновидност и биокоридорите на Илинска планина и обука на млади истражувачи за заштита на природата". Овој проект беше спроведен од страна на ИДСБ и е потпомогнат од Министерство за животна средина и просторно планирање. На акцијата учествуваа 50 студенти и професори од Природно математичникот факултет од Скопје, како и гости од другите биолошки факултети и средни училишта од Бугарија, Црна Гора и Хрватска.

     Истражувачките теренски активности се одвиваа во рамките на потербите на различните секции од областа на биологијата како:алгологија, микологија, пределна екологија и ботаника, ентомологија,арахнологија, херпетологија, орнитологија, мамологија и биохемиско-физиолошка секција.

     Во текот на истражувачката акција беа изработени теренски карти на кои беа бележани пешачките патеки по кои се движеа групите, на што предходеше дигитализација на патиштата во и околу истражуваната област. Дел од собраните примероци и материјали од различните секции се обработуваа на терен,а дел во лабораториите на Институтот за биологија на Природно математичкиот факултет.

    По соодветна обработка на материјалите на секоја секција ќе бидат изработени научни трудови кои ќе бидат објавени во 4-тиот "Билтен на Истражувачкото Друштво на студенти биолози".