Орнитолошка секција

Примарна активност на орнитолошката секција е набљудување на птиците, утврдување на нивниот диверзитет и дистрибуција.

Секоја птица, без разлика дали е дневно или ноќно активна, има специфични морфолошки карактеристики (како обојување на пердувите, форма и големина на телото), специфично однесување (став на птицата, начин на летање, движење по земја или по гранки, степен на социјализација), специфично огласување и карактеристичен опсег на живеалишта во кои се среќава. Колку повеќе од овие информации познаваме за видот кој го набљудуваме, толку полесно и поточно ќе можеме да го идентификуваме. Со цел ефикасна работа на терен, неопходно е секој набљудувач на птици да ги поседува основните орнитолошки реквизити: двоглед, теренски бележник (теренски дневник) и прирачник за птици. Дополнителната опрема како телескоп, фотоапарат, компакт дискови со снимени песни и повици на птиците и други аудио податоци, ќе придонесе за собирање повеќе и поточни податоци.

Податоците собрани на терен се класифицираат во листа која ги содржи информациите за локалитетот и живеалиштето, бројноста на забележаните видови, половиот сооднос, гнездечкиот статус, евентуално огласување и дополнителни информации за специфичниот начин на однесување.  Вака обработените податоци служат за одредување на различни популациони параметри на орнитофауната на истражуваното подрачје.

Контакт за подетални информации и приклучување кон оваа секцијаvelevski@mes.org.mk- Методија Велевски, раководител на орнитолошка секција.

 

Раководител на секција:

Методија Велевски

e-mail: velevski@mes.org.mk